��oj 520   02.05.2017
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Русија не можеше да развие демократски федерализам и затоа се врати на идејата за империјална држава. Паралелно на неа во старите времиња постоеше една Америка која си беше доволна самата на себе
Следниот чекор во еволуцијата: човекот станува Бог, секреатор. Тргнавме во вселената и можеме да влијаеме на гените. Но, дали ќе бидеме во можност да се справиме со создавање на натчовекот? Наскоро би можеле да посакаме да создадеме суштества кои преку моќта на умот ќе ја движат вештачката реалност и неа ќе ја менуваат преку нивните тела и умови согласно на желбите", вели Харари, авторот на двата бестселери "Сапиенс" и "Хомо деус"

КЈУБРИК БЕШЕ АВТОР КОЈ НЕ МИСЛЕШЕ МНОГУ НА ПУБЛИКАТА КОГА ПРАВЕШЕ ФИЛМ

Јан Харлан, извршниот продуцент на филмовите на Стенли Кјубрик, гостуваше на "Скопски филмски фестивал"

"Она што е карактеристично за Стенли Кјубрик е истото што важи и за сите големи уметници како Пикасо, Моцарт или Бетовен, а тоа е дека нивните дела не исчезнуваат. Овој филм 'Пеколен портокал' е стар 45 години, од премиерата на 'Одисеја 2001' наскоро ќе бидат 50 години, има 60 години откако е снимен филмот 'Лолита'. Неговите дела траат, тие се актуелни, не исчезнуваат и мислам дека тоа е клучно за секој голем уметник', рече меѓу другото во киното "Милениум" , специјалниот гостин на годинешното издание на "Скопје филм фестивал", Јан Харлан, извршниот продуцент на филмовите на легендарниот режисер Стенли Кјубрик. Поводот за неговото гостување е првата македонска ретроспектива на еден од најголемите светски режисери која се одржува во рамки на фестивалската програма. Разговорот со Јан Харлан го водеше Гена Теодосиевска.

Харлан на почетокот од разговорот со публиката по прикажувањето на филмот "Пеколен портокал" потенцираше дека "она по што најмногу е запаметен Кјубрик е што секогаш ги поместуваше границите".

"Секогаш се обидуваше да направи нешто невообичаено како и сите навистина големи уметници. Тој ги преминуваше границите, како на пример француските импресионисти, како Тарнер, Бергман, сите тие се обидуваа да направат нешто што е вредно и што нема да исчезне во времето. Кјубрик не беше заинтересиран да направи голем број филмови, она што него го интересираше е да направи филм што ќе биде значаен и што на публиката ќе и' каже нешто што би можело да предизвика нешто во вас. 'Пеколен портокал' е типичен пример за тоа, ова е многу политички филм и како вистински политички филм е и многу тежок. И бидејќи работев со него, можам да ви кажам дека тој секогаш мораше да биде задоволен со сработеното. Се разбира дека филмовите ги правеше за публиката, но таа беше на второ место. И навистина е така и со композиторите, писателите, сликарите, тие први мора да бидат задоволни со своето дело, за да и' го предадат на публиката. Ако размислуваш што сака публиката, ако правиш нешто само заради публиката - тогаш си изгубен", рече Харлан.

Јан Харлан на публиката и' откри и дека најомилениот дел од режирањето за Кјубрик бил процесот на подготовки на филмовите, дека многу читал, дека сакал да гледа тенис на телевизија, дека не сакал често да излегува од неговата куќа и дека сите подготовки за филмовите се вршеле кај него дома, се' додека не почнело снимањето на локациите. Како пример ги наведе подготовките на филмот "Очи ширум затворени" на кој Кјубрик работел околу 30 години.

"Тоа беше најтешкиот филм во неговата кариера и тој самиот го сметаше за свој придонес кон филмската уметност. Во почетокот имаше идеја главниот лик на еврејскиот лекар да го игра Вуди Ален", рече Харлан. Тој откри и дека Том Круз му кажал дека е сигурен дека веќе никогаш во животот нема да доживее ништо слично како што била работата со Кјубрик.

Јан Харлан за првпат со Кјубрик се сретнал во 1963 година и како што рече, "не ни сонувал дека некогаш ќе работи со него", но потоа подобро го запознал кога сестра му за него се омажила и кога тој работел со Артур Кларк на сценариото за филмот "2001: Одисеја во вселената". Бил фасциниран од неговата личност.

"И тогаш сфатив дека научниците и уметниците се слични бидејќи никогаш не запираат. Бевме на вечера со Стенли и со Артур Кларк и тие зборуваа за милионите галаксии и ѕвезди, зборуваа за илјадниците планети и можноста на некоја планета да постои живот. Тогаш бев млад, не знаев многу за астрономијата, но ме фасцинираше нивниот разговор. Потоа заминав во Европа, живеев во Цирих, се оженив, добив деца, а тој се пресели во Англија. По шест години почнав да работам со него на проектот 'Наполеон' и си мислев: ќе работам со него само една година, но проектот не се реализираше , а јас продолжив да работам со него уште 30 години до крајот на неговиот живот", потенцираше Харлан.

Тој одговараше на прашања на публиката, но напомена и дека е невозможно да се одговори зошто Кјубрик употребувал одредени изразни средства во своите дела, како на пример, зошто злото во филмот "Пеколен портокал" е претставено со бела боја.

"Во моментот кога ќе почнете да интерпретирате веќе правите грешка. Тоа е како да го прашате Шагал зошто насликал магариња што летаат. Кјубрик слично ја употреби црвената боја во 'Очи ширум затворени'".

Според Харлан, Кјубрик сакал да работи со истите луѓе, особено со неговиот директор на фотографија.

"Луѓето сакаа да работат со Кјубрик, тоа беше исклучителен процес на учење, тој не брзаше, работеше долго време што беше одлично за екипата и за актерите. Кјубрик обожуваше филмови, сакаше филмови што се сосема различни од неговите и тоа е карактеристика на сите големи уметници. Ги сакаше филмовите на Карло Саура, Вуди Ален, Стивен Спилерг, режисери што правеа сосема различни филмови од оние што тој ги правеше. Го сакаше Тарковски, но особено Кишловски и неговиот 'Декалог'. Тој сакаше и многу да чита, кога ќе се заинтересираше за некоја тема, читаше се' за тоа, на пример кога го подготвуваше 'Наполеон', прочита речиси се' што имаше за него. Омилени му беа Артур Шницлер, Чарлс Дикенс, класиците, Џејн Остин... тој постојано читаше", рече меѓу другото продуцентот на Стенли Кјубрик. На прашање од публиката дали Кјубрик го режирал "лажното" слетување на Месечината, Харлан одговори дека е тоа комплетна бесмислица, но и нагласи и дека она што најмногу го интересирало Кјубрик била политиката.

"Сите негови филмови, всушност, се политички. Ако ги анализирате, понекогаш тоа е поотворено, другпат не е. Се сеќавам кога почна војната во Ирак, тој гледаше телевизија и рече: се надевам не сум направил документарец, мислејќи на неговиот филм "Dr. Strangelove" ("Доктор Чуднољуб").