��oj 518   18.04.2017
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Следниот чекор во еволуцијата: човекот станува Бог, секреатор. Тргнавме во вселената и можеме да влијаеме на гените. Но, дали ќе бидеме во можност да се справиме со создавање на натчовекот?
Развојот на настаните на меѓународна сцена го врати рамп кон старите "проверени шеми" во односите со Истокот - како оној на Пациикот, така иво односите со Русија. Путин призна дека односите со САД биле подобри пред Трамповото доаѓање во Белата куќа?!

ДНОТО НА ГАЗЕРОТ

ГОРДАНА ПОПСИМОНОВА

Ова се само мал дел од прашањата кои ти ги упатувам, ој народе на ГИЗЗМ. Бидејќи гледам дека си загрижен за судбината на милата ни мајка Македонија, 33 пати спомената во Библијата и бидејќи секој ден излегуваш на улиците да ја браниш од предавникот Заев, неговата предавничка партија, предавничката Шарена револуција и предавничките новинари, колумнисти и интелектуалци

Да бидеме начисто - секој има уставно загарантирано право да протестира. За било што. Идентично на моето граѓанско и со Устав заштитено и гарантирано право да изнесам мислење за било чии, било кои и било какви протести. Во моментов, пишувам за протестите организирани од здружението ГИЗЗМ (Граѓанска иницијатива за заедничка Македонија), кои повеќе од еден месец се одржуваат низ неколку градови во мојата држава, а богами и во неколку градови во странство. Колку што разбрав, луѓето кои излегуваат на улиците, всушност, и не протестираат, туку нешто бранат.

Ете, завчера излегоа со имитација на некакви штитови. Ја бранат унитарноста, територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Република Македонија. Која, според нив, била загрозена од Зоран Заев. Тој, исто така, според нив, да ти бил предавник, затоа што ја прифатил албанската Платформа, пишувана во Тирана (со што автоматски станува платформа на тираните, односно тиранска платформа) со која, повторно според нив, се предвидува федерализирање, насилно воведување двојазичност и целосно разнебитување на земјата.

Да бидеме начисто - секој има уставно загарантирано право нешто да брани преку масовни собиранки, кои можеме да ги наречеме "протестна одбрана" или "одбранбен протест". Исто како што и мојата дребност има законско право и морална обврска да им постави неколку логични прашања на организаторите или следбениците на ГИЗЗМ. Без оглед на фактот што однапред ги знам нивните одговори. Без оглед што, исто така, однапред знам дека нема да имаат врска со поставените прашања, туку ќе се однесуваат на мојот физички изглед, политички поглед, членовите на семејството или потеклото на родителите. Сепак, не е лошо да се обидеме. Колку за да се внесе малку провев и свеж воздух во општата анестезија која се обидуваат да ја наметнат со Заев и Платформата.

Значи вака - народе од ГИЗЗМ, чујте и почујте:

1. Дали Заев и неговата партија беа на власт изминатите единаесет години и дали тие располагаа со народните пари - годишен буџет од три милијарди евра? Повеќе од триесет милијарди евра. Ќе пробам да го напишам со цифри: 30 000 000 000 евра. Не знам колку наши, македонски, денари е ова.

2. Дали Заев и неговата партија носеа закони, одлуки и решенија кои се однесуваа на организацијата на државата?

3. Дали Заев и неговата партија спроведуваа тендери со народни пари? Погледни точка 1.

4. Дали Заев купи службен мерцедес од 600 илјади евра со државни пари, со наместен тендер, за да го крие од новинари?

5. Дали Заев напика некадарни кадри од СДСМ во институциите на државата?

6. Дали Заев и неговата партија ги узурпираа сите паркови во центаропт на Скопје за да градат згради - за инает на комуњарите?

7. Дали Заев и неговата партија спискаа еден куп народни пари за Скопје 2014?

8. Дали Заев и неговата партија ја презадолжија Македонија за следните петнаесет генерации?

9. Дали Заев и неговата партија му фингираа судски процес на Љубе Бошкоски кој заврши со негова затворска казна?

10. Дали Заев му ја урна зградата на Фијат Цаноски и го доби случајот за што, галиба, ќе треба СИТЕ ние да плаќаме?

11. Дали Заев лажираше избори? И тоа на повеќе наврати.

12. Дали Заев е криминалец и ако е, зошто изминатите 11 години не беше затворен? Глобал е решен случај, во корист на Заев. Дајте нешто друго.

13. Дали само Заев и неговата партија гласаа за СЈО?

14. Дали партиите на етничките Албанци во Македонија беа на власт, или дел од власта во изминатите 11 години?

15. Дали нивната платформа е дел од нивните политички програми?

16. Дали барањата во платформата се содржани во официјален документ на Секретаријатот за рамковен договор изработен со пари од Владата?

17. Дали Заев и неговата партија во 2008 година ги донесоа измените во Законот за јазиците? Ооној Закон кој се донесе набрзинка, сред летните одмори.

18. Дали Заев и неговата партија го признаа Косово?

19. Дали Заев и неговата партија ги амнестираа хашките случаи за припадниците на ОНА и дали Заев и неговата партија им ги укинаа пензиите на бранителите?

20. Дали Заев има парламентарно мнозинство за формирање Влада?

Ова се само мал дел од прашањата кои ти ги упатувам, ој народе на ГИЗЗМ. Бидејќи гледам дека си загрижен за судбината на милата ни мајка Македонија, 33 пати спомената во Библијата и бидејќи секој ден излегуваш на улиците да ја браниш од предавникот Заев, неговата предавничка партија, предавничката Шарена револуција и предавничките новинари, колумнисти и интелектуалци.

А доколку некој се осмели да си одговори на сите овие прашања, доколку малку поразмисли за тоа што, каде и од кого брани и доколку и по сето тоа излезе на демонстрациите на ГИЗЗМ, тогаш ниту газерот има дно, ниту дното има газер.

Има само дно на сите дна.