��oj 116   07.07.2009
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

Претходен број

Броеви комплетно
достапни за читање
on-line

Број 114

Број 113

Број 112

Број 111

Број 110

Број 109

Број 108

Број 107

Број 106

Број 105

...

40

МАКЕДОНЦИТЕ ГО ИЗГРАДИЈА ИДЕНТИТЕТОТ БЕЗ АЛЕКСАНДАР

Интервју: Нада Бошковска, професор на Универзитетот во Цирих

Пишува: Виктор Цветаноски

Г-ѓо Бошковска, Вие сте професор по историја на Источна Европа на универзитет во Цирих. Живеете во Швајцарија и сигурно ги следите настаните во Македонија. Според Вас, дали македонските власти ги преземаат вистинските потези државата да ја надмине транзициската криза?

- Проблемот со Македонија е типичен за многу економски и политички недоволно развиени држави. Политичката власт во такви држави значи и власт над секој вид ресурси. На пример, затоа што стопанството не може да вработи доволно луѓе, државата е најголемиот и најважниот работодавец. Тој што ја добива политичката власт може лично да профитира и е во состојба да ги награди сите околу себе, значи се покажува како моќен и ја множи силата. Во вакви околности, власта е многу примамлива и никој не сака да ја дели, а кога ја губи, прави се' за да ја врати. Тоа значи безмилосна борба меѓу партиите, а притоа важните проблеми или се игнорираат или со нив се манипулира без оглед на штетата што се прави со таквото однесување. Можеби не сум доволно упатена во секојдневниот политички живот во Македонија, но некако не го гледам тој политички персонал кој би се грижел за државата и за општото добро на граѓаните. Засега преовладуваат егоизмите, личните и партиските интереси.

Вие сте добар познавач на историјата на балканските држави во кои, очигледно, некои предрасуди од минатото и аспирациите кон Македонија се' уште се присутни. Бугарите не ни го признаваат националниот идентитет, Грците ни го оспоруваат името, а Србите црквата. Што мислите Вие за тоа?

-Во врска со Македонија се проблематизираат многу прашања кои во други региони поминуваат без врева. На пример, немаше никаков отпор кога почна да се зборува за босански јазик. Македонија се наоѓа на раскрсница каде што се судрија, на крајот на 19 век, интересите на три новонастанати држави, кои беа мали, но имаа агресивни национални програми и силна волја за ширење. Македонија беше таа територија која за остварување на тие амбиции уште беше на располагање. Во времето на Југославија тие конфликти стивнаа, но не исчезнаа. По нејзиното распаѓање старите рефлекси пак зајакнаа. На Македонија не и преостанува ништо друго освен да води прагматична и ладнокрвна политика и да се надева дека во 21 век таквите аспирации од 19 век со време ќе загубат актуелност.


Тогашната југословенска држава остваруваше за себе огромни приходи од тутунот, експлоатирајќи ги селаните. Натоварени камили во Струмичко

Во Македонија се' погласни се тврдењата дека Македонците се потомци на Александар Велики, со што се проблематизира македонскиот национален идентитет. Ваквите ставови се поддржуваат и од актуелната власт. Какви се Вашите сознанија околу тоа?

-На Балканот имало безброј бранови на преселувања, сите народи, како и на други места, се од мешано потекло. Во денешните Македонци има нешто од античките Македонци и од разни други народи кои дошле подоцна, посебно Славјаните од кои останал и јазикот. За денешниот идентитет тоа не е суштествено, всушност не би требало да биде. Но, сите народи во фазата на формирањето на националниот идентитет бараат што постари и попрестижни предци. Тоа би значело дека Македонците дури сега градат национален идентитет. Според моите истражувања, тое не е точно, Македонците и меѓу двете светски војни си биле Македонци, без да им треба за тоа Александар. Поради тоа, сегашното форсирање на античката историја со цел да се докаже самобитноста - не е потребно. Се разбира, секој народ треба да ја знае историјата и може да се радува ако на неговата територија живееле славни луѓе и ако се прават значајни откритија. Меѓутоа, градењето национален идентитет преку преувеличеното значење на стари периоди во Европа е од друг век. Македонците не може да бараат соседите да се ослободат од ставовите од 19 век, а самите да застапуваат такви.

Во последно време, некои албански националисти бараат федерализација на Македонија. Постои ли опасност нивните желби да се остварат и таа да се подели? Дали се доведува во прашање нејзината иднина?

-Мислам дека, со оглед на огромните проблеми во Босна, однадвор нема да има притисок за федерализација на Македонија. Зголемената автономија на општините е сосема добар пат на државата. Според моја процена, Македонија не е загрозена. Важно е за неа, одговорните се' повеќе да спроведуваат прагматизам место идеологија.

На германски јазик објавивте книга за Вардарска Македонија во периодот меѓу двете светски војни, за која ги користевте лондонските, белградските и некои други архиви. До какви нови сознанија дојдовте за тој трагичен период на македонскиот народ?

-Југославија (односно Кралството СХС, како што се викаше до 1929) во 1918 година беше создадена од мнозинство региони кои имаа сосема разновидно историско искуство и се разликуваа во секој поглед еден од друг. Мене ме интересираше како една таква држава може да се интегрира, да прерасне во една целина или, поточно, дали и на каков начин властите и одговорните сили се трудеа да постигнат таков резултат. Конкретен пример ми беше Македонија, која по Балканските војни влезе во рамките на Кралството Србија и потоа како негов дел и во Југославија. Покрај општиот политички развој, подетално ги разгледав следните сфери: стопанство и финансии, земјоделство, образование, сообраќајни врски и комуникации.

Создавањето на Кралска Југославија Србија го сметаше за сопствено проширување, но поради тоа што беше недоволно развиена, а истовремено исцрпена од долгогодишните војни, не беше во состојба да ги реализира своите амбиции во реалноста и да дејствува како силен центар кој би можел или да ги хомогенизира или да ги потчини другите делови на државата. Јас со своите истражувања сакав да видам дали тоа и' успеа, барем во поглед на Македонија. Особено ме интересираше дали, покрај репресивните мерки, можеби имало и некои позитивни стимуланси за народот и за македонските елити да се идентифицираат со новата држава и да си бараат место во неа. Сакав да разјаснам дали, на пример, имало значајни инвестиции во Македонија на кое било поле.

Во дваесеттите години од минатиот век, за да ја контролираат Македонија властите се потпирале врз репресивниот апарат кој бил огромен. Инвестиции тогаш имало во школството, со цел населението да се воспита во „коректен“ национален дух, значи да се посрби. Македонците ги прифаќаат понудите во сферата на школството, народот бара училишта, гимназии, и сам вложува многу труд и гради училишта, раководејќи се од девизата „поарно да има српски школи отколку никакви“, но посрбувањето не успева. Напротив, младата елита која целосно поминува низ српските школи развива автономистички и македонистички ставови. Во втората половина на триесеттите години од минатиот век, кога политичкиот живот е малку послободен, се залага, на пример, за признавање на македонскиот јазик и на својата народност. Во 1937 година студенти на Филозофскиот факултет во Скопје бараат катедра за македонски јазик и литература.

Во триесеттите години, особено во втората половина, кога ВМРО во Бугарија веќе не постоеше, власта почна да спроведува поконструктивна политика кон Македонија, се планираа инвестиции во стопанството и во инфраструктурата. Меѓутоа, тие идеи главно остануваа само на хартија. На пример, имаше големи ветувања од Милан Стојадиновиќ, но кога конкретно ќе се доделуваа средства, на пример од државни заеми, парите секогаш одеа во други краишта. Тоа беше резултат на фактот што не се дозволуваше Македонци да стигнат до високи позиции во власта, така што немаше кој да се залага за овој крај. Кога во 1939 година за кратко време Југославија имаше министер од Македонија (Јован Алтипармаковски од Битола, министер за пошта и телеграф), на Вардарската бановина и' беше одобрен државен кредит од 100 милиони динари за покривање на најнужните потреби. Меѓутоа, кога парите почнаа да пристигнуваат во февруари 1941 година, војната беше веќе на врата.

Од друга страна, Македонија од државата беше експлоатирана преку тутунскиот монопол. Тоа е тажна приказна. Додека соседните држави, Грција и Бугарија, остваруваа огромен приход од извоз на тутун, Југославија не беше способна да најде надворешен пазар и затоа строго го реглементираше производството. Се извозуваше многу малку, се садеше тутун речиси само за потребите во државата. А откупните цени беа многу ниски, во 1928 година беа двојно помали од тие што ги плаќаше грчката држава. Така државата остваруваше за себе огромен приход без многу вложувања. Ако таа се потрудеше да го зголеми извозот и ако плаќаше подобри цени, ситуацијата на илјадници семејства во Македонија значително ќе се подобреше.

Како во тоа време се однесуваа македонските елити. Колку тие можеа да учествуваат во власта?

-Тие беа во посебно непријатна положба. Доколку сакаа да учествуваат во општествениот, економскиот и политичкиот живот, немаа друг излез освен да соработуваат со власта и да влезат во српските партии. Само на тој начин можеа и лично да напредуваат, а и да направат нешто за својот крај. Тие морале до извесен степен да ја приспособат и својата реторика. Меѓутоа, таквите лица, кои конкретно можеа нешто да сторат во рамките на владејачкиот систем, од македонистите беа третирани како предавници. Јован Алтипармаковски кој бил и сенатор, го нарекувале „Јуда“, „предавник“, „алат на режимот“. Но, за него може слободно да се рече дека на многу начини се залагал за интересите на Македонија. Истото важи и за пратеникот Мито Димитриевски, кого го нарекувале „Мита нокшир“ и сметале дека му бил нокшир на кралот.

Младата интелигенција, иако беше целосно образована во Југославија и не можеше да се нарече „егзархистичка“, имаше мали шанси да се вработи во државна служба и таа поради тоа беше фрустрирана. Во 1933 година, на пример, во управата на тогашна Вардарска бановина немало ниту еден вработен Македонец. 

Во годините непосредно пред Втората светска војна состојбите почнале да се менуваат, се' погласни биле барањата во власта да се избираат Македонци, а не Срби. До какви сознанија дојдовте во Вашите истражувања?

-Кон крајот на триесеттите години од минатиот век македонистичките тенденции добиваат поголем замав. Народот во Македонија е против тоа на изборните листи да се поставуваат претежно Срби. Така, се' повеќе Македонци во Собранието на Кралска Југославија ги застапуваат интересите на својот крај. И во локалните управи, бројот на Македонците значително се зголемува. Во извештаи на Генералниот штаб се констатира дека српските национални интереси биле во лоша состојба и дека во службите се зборувал „локалниот дијалект“. Се' повеќе отворено се употребува името Македонија место Јужна Србија. Спогодбата со Хрватите од 26.8.1939 година беше дочекана со радост од македонскиот народ, кој очекуваше нешто слично и за Македонија. Меѓутоа, се случи спротивното. Македонскиот министер за пошта и телеграф мораше да му го отстапи местото на Хрват... А од српска страна за Македонија се кроеја сосема други планови. Се замислуваше нова административна единица „Српски земји“, во која би влегле бановините Врбас, Дрина, Морава, Зета и Вардар – со главен град Скопје. Во тој случај, се разбира, за Македонија не би имало автономија, туку засилено посрбување. Меѓутоа, војната го спречила реализирањето на сите овие планови.


Во 1933 година во управата на тогашната Вардарска бановина немало ниту еден вработен Македонец. Селани од демирхисарското село Бабино

Тогашните српски власти вршеле голем терор и систематска денационализаторска политика, прогласувајќи ги Македонците за Срби. Што за тоа мислеле официјалните дипломатии на големите европски држави? Дали Македонците ги сметале за посебена националност или, пак, го прифаќале она што им го сервирале Србија, Бугарија или Грција?

-Британските дипломати во Југославија и Македонија (во Скопје постоел вицеконзулат) јасно ги разликуваат Македонците од другото население во Македонија. Амбасадорот Хауерд Кенард, во еден извештај од 1926 година, зборува, на пример, за Турци, албанско население, Куцовласи и македонски елемент. Неговиот следбеник, Невил Хендерсон, славјанското население го нарекува Македонци. Вицеконзулот Дејвид Футман, пишува за македонски селани и албански и турски елемент. Ова јасно покажува дека поимот Македонци не се употребува за целото население, туку за етничкиот македонски дел. Третиот секретар на британската амбасада, Р.А. Галоп, во 1926 година известува дека сите македо-славјани со кои зборувал инсистирале да не ги нарекуваат ни Бугари ни Срби, туку Македонци. Во истата година, Оливер С. Харви од британското Министерство за надворешни работи, го посетува југословенскиот и грчкиот дел на Македонија и во извештајот пишува дека славјанското население во двата дела за себе вели дека се Македонци и дека зборуваат македонски. Британските дипломати, освен тоа, слободно го употребуваат поимот Македонија, иако српските власти настојуваат да се зборува за Јужна Србија.

И други странци, кои во тоа време престојувале во Македонија, потврдуваат дека во народот имало самосознание дека се Македонци. На пример, германскиот пратеник Херман Вендел во 1920 година патува низ Македонија и систематски ги прашува луѓето што се. Тој во Битола констатира: „Славјаните како секаде се нарекуваат Македонци (во германскиот оригинал поимот Македонци стои на македонски)“. Во Прилеп едно дете му објаснува: „Јас сум Србин (бил од Ниш), а овие се Македонци!“ Во Ресен децата кои се собираат околу неговиот автомобил му велат дека се Македонци, а еден од нив бил Турчин. 

Вардарска Македонија била најневралгичното подрачје на Кралска Југославија. Зошто тогашната власт на нејзина територија држела околу 13.000 жандари, повеќе отколу во останатиот дел на државата?

-По создавањето на Југославија во 1918 година границите се' уште не биле безбедни. Во дваесеттите години од минатиот век во Македонија, во разни краишта ситуацијата била немирна. Во Западна Македонија имало албански качаци, а во источниот дел навлегувале четите на ВМРО и вршеле напади, на пример, на колонисти. Југославија не била сигурна дека политичкиот поредок по војната е дефинитивен. Разни групи имале разни претстави за иднината на Македонија. Еден помал број македонски емигранти во Бугарија се залагале за приклучување на Македонја кон Бугарија, а повеќето сакале Македонија да биде протекторат на Лигата на народите или на една од големите сили; во самата Македонија имало очекувања таа да добие автономија. За да задушат секакво спротивставување и да го осигурат политичкиот статус кво, властите ја преплавиле Македонија со војска, жандармерија, четници, граничари. Во средината на дваесеттите години од минатиот век нивниот вкупен број изнесувал 35.000. Од 17.000 жандари на Кралството СХС, 12.000 се наоѓале во Македонија. Во 1928 година, во целата држава на 674 жители доаѓал по еден жандар, а во Македонија на 102 жители. Истовремено, народот бил задолжен да учествува во борбата против четите на ВМРО, а селаните морале да ги чуваат пругите.

Спорот со Грција очигледно е најголемата пречка за влез на Македонија во НАТО и ЕУ? Дали сметате дека треба да се направат отстапки за името и какви?

-Сосема е јасно дека во врска со името над Македонија се врши насилство и неправда. Тоа им е јасно и на меѓународните фактори. Но, Македонија мора да се соочи со горчливата вистина дека таа игра сосема споредна улога и дека никој нема сериозно да се кара со Грција заради неа. Грција нема потреба да брза, таа може да си чека и да си гледа отстрана колку енергија и ресурси Македонија мора да вложува во овој конфликт, кој и на внатрешен план отвара многу полиња на раздор. А во меѓувреме, сите држави околу неа ќе ја престигнат. Затоа би било добро да се дојде до некое решение. Не знам за какви варијанти моментално се преговара, а кои можеби се отфрлени, мене лично ми се чини дека името Вардарска Македонија би било најблиску до сегашното, а не е ни нешто новоизмислено, туку има одредена традиција.