��oj 258   03.04.2012
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај

ПРЕДВЕЛИГДЕНСКИ РАЗДОР ВО НАШАТА ЦРКВА ВО АМЕРИКА

Австралискиот вирус се проширил и на северноамериканскиот континент. За ова опширно известува порталот "мкд.мк"

"Ви се обраќам со огромна загриженост заради појавата на агресивно нарушување на црковниот поредок и јавни навреди кон црковната епархија со која се соочуваме во последно време… поединци во името на цели наши црковни заедници јавно заговараат раскол и отстапување од крилото на Црквата, искажано преку одбивање да се плати задолжителната членарина т.н. разрез кон Епархијата… реакцијата на очигледната непослушност на споменатите поединци или црковни управи би била отстранување на парохискиот свештеник на определено време, додека не се воспостави редот, а во краен случај и негово дефинитивно враќање во некоја од Епархиите во Македонија… не треба да дозволиме да бидеме третирани како наемници...". Ова го напишал владиката Методиј, раководителот од името на МПЦ со Американско-канадската епархија.

Така, пишува порталот "мкд.мк", кој има добри врски со дијаспората, по само привременото средување на конфликтите на македонската црква во Австралија, вирусот брзо се прошири и на северноамериканскиот континент. И пак, главниот проблем не е верски, туку земски - пари!

Македонската православна црква - Охридска архиепископија по завршувањето на "сапунската серија" во Австралија, како што пишува порталот, влегува во најверојатно нова серија со слична содржина, овој пат во Америка.

Американско-канадската епархија на МПЦ се соочува со сериозна битка, која веќе и го наруши духовниот авторитет, административните капацитети, но и односите со верниците во ветените земји. Засега и владиката Методиј, надлежен за Американско-канадската епархија, и претставниците на дел од локалните црковни одбори се воздржуваат од јавно изложување на спорот.

Лани буџетот на Американско-канадската Епархија бил 150 илјади долари. Многу цркви искажуваат незадоволство од финансиското работење на Епархијата, кое покажало негативно салдо (на пример само за телефонски сметки лани биле платени 15 илјади долари). Голем е бројот на забелешките на тоа како владиката како претседател на Епархиското собрание ги решава организациските и финансиски проблеми на епархијата. Ниту една црква досега не рекла дека нема да го плаќа данокот кон епархијата, но бараат правилно и одмерено трошење на буџетот.

Македонците во Канада се едногласни - ние сме дел од МПЦ, ама и се надеваат дека ќе надвладее разумот и одговорноста на сите инволвирани страни.

Верниците на МПЦ - ОА од своите црковни претставници очекуваат разум, трезвеност, умереност за да се избегне своевиден раскол меѓу црквата и претставниците на македонските верници во САД и Канада, но и да се избегне сериозниот удар на МПЦ - ОА, кој со задоволство се следи во Белград, Софија и Атина.

"Да празнуваме во заедништво, молитвено и велигденски, исполнети со светлината на воскреснатиот Господ", порача лани во својата велигденска порака поглаварот на МПЦ,господин господин Стефан. За две недели - пак е Велигден, констатира дописникот на поратлот од Америка.