��oj 514   21.03.2017
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Дали случајот ќе заврши во Врховниот суд? Таму е можна одлука 4:4, според односот на силите. Тогаш ќе остане во важност одлуката на понискиот суд
Луѓето од типот на (Никола) Љубичиќ (Стане) Доланц, (Бранко) Микулиќ, (Бранко) Мамула и сличните беа лоша замена за воено политичкото биро што постоеше претходно. Тие повеќе не беа сонувачи, идеалисти. Новиот тим е главно составен од себични, интригантни типови на луѓе алчни на власта

ИВАНОВ, ЦРНА ДУПКА

АТАНАС ВАНГЕЛОВ

Што сака да ни каже еден претседател на држва кога ни кажува нешто кое веднаш го - оспорува? Дали тој ни кажува нешто кое го оспорува затоа што се скромни неговите интелектуални способности? Нешто кое треба веднаш да се исклучи затоа што се работи за универзитетски професор кој станал претседател на државаа. Или пак се работи за човек со нарушени работни способности, како што мисли универзитетскиот професор Г. Калајџиев? Или пак за еден "тажен човек" (Б. Јовановски), изложен на силни закани и уцени на кои им подлегнал? Како и секој човек "од крв и месо"?

Вчерашниот париски Монд (11. 03. 2017.) објави кратка анализа на нашата актуелна политичка криза. Анализата завршува со следниве зборови: "Веќе подолго време, пропадната во демократска црна дупка, Македонија се излага на опасноста од судир на два с? понепомирливи табора." Пред завршните зборови-поента се дава цитат-"пресуда" (verdict) на претседателот на РМ Иванов кој зборува за мотивите кои го спречиле да им даде мандат за влада на политички партии со "јасно" (САД, ЕУ, НАТО) парламентарно мнозинство.

Цитатот гласи: "Уставот и мојата совест ми забрануваат да им доверам должност да направат влада на личност или на партија чија програма посега по суверенитетот, интегритетотот и територијалната независност на Македонија." Тој цитат од добро познатото образложение на Иванов да не му даде мандат на Зоран Заев да направи влада го привлече моето внимание со еден детаљ кој ми избега од видното поле додека го слушав "во живо" тоа образложение. Ми избега најверојатно затоа што тогаш слушав (ако не повеќе, тогаш барем исто толку) што кажува неговиот немирен, иако соборен поглед, а што неговите зборови со растреперена, уплашена интонација. Една интонација која ви телефонира дека човекот кој ви зборува ни сам не им верува на своите зборови: "и във свйта вяра сам не вярвам аз" (А. Далчев).

Кој е детаљот кој ми побегна од видното поле?

Детаљот е во почетните зборови (Уставот и мојата совест) на цитатот од образложението на Иванов кои се појавиле како непремостлива пречка да им даде мандат на "личност" или "партија" да направи влада која дошла до "јасно" парламентарно мнозинство. Така поставени, еден до друг, тие зборови (Устав и совест) јасно упатуваат на најмалку три работи:

а) дека се еднакви по сила и, според тоа, улога;

б) иако еднакви, сепак: и едниот и другиот мораат да се најдат во игра за да се дојде до исходот - недоделување мандат на "личност" или на "партија" чија програма посегала по "суверенитет, интегритет и територијална независност": (тогаш ни не се еднакви; не се, затоа што и двата се - неопходни!)

в) дека некој Устав без совест или совест без Устав лесно би можел(а) да падне во искушение да и додели мандат на "личност" или на "партија" која посега по "суверенитет, интегритет и независност."

Ако тие две работи се еднакви по сила, тогаш ќе биде доволно тој Иванов да се повика било на Уставот (според С. Шкариќ и О. Кадриу член 90 од Уставот на РМ е "императивен": зборува за тоа која била "должноста" на претседател, не за некои негови "права"), било на неговата совест, од што следува дека совеста (на Иванов) е Устав, а Уставот на РМ е - неговата совест.

Ако Уставот на РМ не е на повисоко скалило од неговата совест (може да биде колеблива или цврста како гранит - достојна за почит), тогаш тој Иванов ни не мора да држи до некој Устав (како што не држи: според С. Шкариќ и О. Кадриу тој погазил Устав кога се оглушил за императивот од член 90; според З. Заев тој направил "државен удар"). Доволно ќе биде да се повика на својата совест која стои повисока над совеста од кој било граѓанин на РМ, а стои повисоко затоа што неговата совест е Устав и Уставот е исто што и неговата совест.

Ама ете: ни таа теорија од точка б) не пие вода затоа што истиот Иванов изречно ни вели дека ниту Уставот може без неговата совест, ниту пак неговата совест без Уставот на РМ ("Уставот и мојата совест ми забрануваат..."). Тогаш нема друго освен да се прашаме: што сака да ни каже еден претседател на држва кога ни кажува нешто кое веднаш го - оспорува? Дали тој ни кажува нешто кое го оспорува затоа што се скромни неговите интелектуални способности? Нешто кое треба веднаш да се исклучи затоа што се работи за универзитетски професор кој станал претседател на државаа. Или пак се работи за човек со нарушени работни способности, како што мисли универзитетскиот професор Г. Калајџиев? Или пак за еден "тажен човек" (Б. Јовановски), изложен на силни закани и уцени на кои им подлегнал? Како и секој човек "од крв и месо"?

Што и да е во прашање, може да се се разбере. Но не и да се правда. Не може да се правда, затоа што изборот е тоа што прави човек од човекот. Затоа што и за човек под силни уцени и закани и смртта е - избор.