��oj 514   21.03.2017
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Дали случајот ќе заврши во Врховниот суд? Таму е можна одлука 4:4, според односот на силите. Тогаш ќе остане во важност одлуката на понискиот суд
Луѓето од типот на (Никола) Љубичиќ (Стане) Доланц, (Бранко) Микулиќ, (Бранко) Мамула и сличните беа лоша замена за воено политичкото биро што постоеше претходно. Тие повеќе не беа сонувачи, идеалисти. Новиот тим е главно составен од себични, интригантни типови на луѓе алчни на власта

НЕДОСТАПНОСТА НА ОСОМНИЧЕНИОТ СЕАД КОЧАН КАКО ПОВОД ЗА КРЕАТИВНО ТОЛКУВАЊЕ НА ЗКП

Адвокатот на одбраната Никола Додевски во случајот "Труст" не може да се повикува во одбрана на клиентот "кој е на службен пат" место во притвор, на никакви жалби кои ги одложуваат решетките на затворот Шутка. И понатаму роковите во вакви предмети не се преклузивни, туку инструктивни и дозволуваат временска толеранција

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ


На 9 март после 21 часот низ земјава медиумите започнаа да пренесуваат информација дека Кривичниот совет на скопска единица, по жалба на СЈО, одредил мерка притвор за лицето Сеад Кочан. Како што е познато, претходно истиот суд одби да му одреди притвор на овој потенцијално осомничен и тој го напушти судот слободен, без никакви обврски кон истрагата во однос на неговата достапност.

СЕПАК, ПРИТВОР Еден ден потоа на сајтот на Судот беше објавено решението со кое на бизнисменот Сеад Кочан му се определува притвор од 30 дена. Бизнисменот е осомничен во предметот "Труст" на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за злоупотреба на постапката за јавни набавки.

Притворот се однесува на случајот "Труст" што е поврзан со тендер за ископ на јаглен од "Суводол" во Битола, за потребите на РЕК "Битола", при што се осомничени управителот на "Трансмет", споменатиот Кочан, второосомничен е управителот на "Силекс неметали" и управителот на "Ваго доо" - Студеничани кои склучиле договор со ЕЛЕМ.

Кочан воедно е сопственик и на телевизијата "ТВ Нова". Од оваа телевизија објавија дека притворот е политички монтиран и дека е удар врз бошњачката заедница во земјава.

Лицето против кое е одреден притвор не е достапен за органите на прогонот и за јавноста. Неговиот адвокат тврди дека не е почитувана постапката за информирање на странките од страна на Советот на судот, а тврди и дека тоа лице (негов клиент) не е во бегство, туку е на службен пат. Таа приказна се држеше с? до понеделникот, кога адвокатот Никола Додевски го промени исказот, рече дека не е важно каде му е клиентот и дека ако Апелацискиот суд не се изјасни до доцна попладнето во понеделникот Кочан е слободен човек и никој нема обврска да го приведува!



АДВОКАТОТ НАЈАВУВА ОСЛОБОДУВАЊЕ! За правните експерти, според нивни изјави за медиумите, е нејасно тврдењето на адвокатот Додевски, дека во попладневните часови во понеделникот (13 март) нема да произведува правно дејство. Велат дека Законот за кривична постапка (ЗКП) не предвидува такво нешто и затоа оценуваат дека станува збор за притисок врз судиите во Апелацискиот суд, кои допрва треба да одлучуваат по жалбата за притвор на Кочан. Напротив, велат некои толкувачи на законот, рокот може да се пролонгира дури и за една недела, ако се има предвид дека треба да завршат сите дејствија пред да настапи Апелацискиот суд. Прво, треба одлуката на Кривичниот суд да биде доставена до сите инволвирани страни и откако тие ќе се произнесат, следи одлучувањето по жалбата во Апелацискиот суд. Рокот од 48 часа тече откако предметот ќе стаса во Апелација.

Наспроти ваквото тврдење, адвокатот на Кочан смета дека Судот незаконски, пред правосилноста на решението за притвор, издал наредби за притворање и за издавање потерници.

Според Додевски, Кривичниот совет на Основниот Суд Скопје 1 сторил груба незаконитост и без законска основа навел дека жалбата не го задржува извршувањето на Решението за определување мерка притвор.

Кога притвор одредува Кривичниот Совет и жалба се поднесува до Апелационен Суд законот не предвидува дека жалбата не го задржува извршувањето на решението, туку напротив, согласно член 442 од ЗКП, жалбата го задржува извршувањето на решението, се вели во соопштението на адвокатската канцеларија.

Додевски во понеделникот доставил писмена ургенција до Основниот суд - Скопје 1 за претседателката на Кривичниот совет Гордана Спиреска, во која уште еднаш укажал на околноста дека преклузивниот рок од 48 часа, во кој Апелацискиот суд мора да донесе одлука по жалбата, истекува во 17,20 и оти со тоа што предметот не го доставува Кривичниот совет, го оневозможува тоа одлучување.

КОНТРАСТАВ Адвокатот Јован Јоанидис, кој е своевиден ветеран во правните битки во земјава на различни позиции (и како бранител, ама и како обвинител), на прашање на "Вистиномер" да ги толкува настаните во врска со одредувањето на притворот на Кочан и неговото "исчезнување" јасно и гласно кажа дека лицето за кое се изјаснил Кривичниот совет дека му определува притвор, треба да е во притвор, како и дека ниту една жалба не го менува статусот на тоа осомничено лице, с? до поинаква одлука на надлежен суд.

Јоанидис во врска со конкретната постапка го цитира членот 169, став 2 од ЗКП:

(2) Против решението со кое се определува притвор, притвореното лице може да се жали до советот од членот 25 став (5) на овој закон во рок од 24 часа од часот на предавањето на решението. Ако притвореното лице прв пат се испитува, по истекот на овој рок, може да изјави жалба при сослушувањето. Жалбата со препис од записникот за сослушување, ако притвореното лице е сослушано, и решението за притворот се доста вуваат веднаш до советот. Жалбата не го задржува из вршувањето на решението.

Ова секако е важно во однос на одредени приговори кои ги изнесува адвокатот на одбраната Никола Додевски што во дел од домашниот печат беше протолкувано како вршење притисок врз судиите на Апелација!

Во врска со различните толкувања колку трае жалбата, Јоанидис се повикува на ставот 3 од истиот член кој вели:

(3) Против решението на судијата на претходна постапка со кое се одбива предлогот за определување притвор, дозволена е жалба во рок од 24 часа до совтот од членот 25 став (5) на овој закон. Жалбата не го задржува извршувањето на решението. Против решението на советот од членот 25 став (5) на овој закон, со кое се определува притвор, обвинетиот има право на жалба во рок од 24 часа за која одлучува советот на повисокиот суд.

(4) Во случаите од ставовите (2) и (3) на овој член советот што одлучува по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа.

Адвокатот на одбраната, според адвокатот Сузана Јошевска, не може да се повикува на член 442 од ЗКП, бидејќи тоа е одредба која на еден општ начин ја третира институцијата жалба. Напротив, лицето за кое е одредена мерка притвор оди во истражен затвор веднаш, а оттаму излегува само со поинаква одлука на суд, а не со жалба.

- Во конкретниот случај, кога Кочан не е дури ни во притвор, тоа лице не трпи ниту никакви негативни последици, практично не се случува ништо - констатира таа.

НАВРЕМЕ ОТИШОЛ НА "СЛУЖБЕН ПАТ" Видливо е дека од истрагата дека лицето против кое се води истрага истиот ден, ама пет часа порано, ја напуштило земјата на граничен премин Табановце. Ова секако фрла некои сенки врз целата постапка. Во ова влегува и фактот дека ниту СЈО, ниту адвокатот Додевски не се информирани соодветно за донесената одлука. Дали ова може да биде основ заради кој Советот на Апелација, по жалба на адвокатот да ја врати одлуката на повторно одлучување?

- Не, тоа може само да биде предмет на дисциплинска постапка во судот. Советот си ја завршил својата обврска, а оној кој требало истата да ја достави евентуално не ја завршил работата - смета адвокатот Сузана Јошевска.

Според Јоанидис, недостапноста на лицето за кое е одреден притвор фрла сомнеж врз првобитната одлука за недоделувањето ниту на мерки за претпазливост или одземањето на патната исправа, но ја отвора и можноста сега оние двајца осомничени кои се дел од истрагата евентуално да добијат - притвор!

Со "дефиницијата" пак на адвокатот дека клиентот е на службен пат се користи одредена форма на одбрана на Сеад Кочан, која веројатно би ја одбрале и други адвокати, смета Јоанидис, но таквата дефиниција на отсуството става и одредени ограничувања, бидејќи ниту еден службен пат не може да трае долго (до Токио, на пример, се доволни пет дена, а тоа е на другиот крај на планетата, вели нашиот соговорник). Да не говориме дека дури и од џунглите во Амазон некој кој е на службен пат може да се јави со модерните форми на комуникација. Веројатно затоа и Додевски во понеделникот (13.03) отиде со формулата "не е веќе важно каде е клиентот"!

Адвокатот Јошевска додава дека адвокатот на одбраната Додевски не може да се изјаснува во однос на одредувањето на тајмингот кога неговиот клиент ќе биде слободен ("денес во 17:21 часот"), бидејќи ЗКП во вакви случаи дава инструктивни, а не преклузивни рокови, односно се остава толеранција, особено кога се викенди во прашање.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED -National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD - The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.