��oj 514   21.03.2017
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Дали случајот ќе заврши во Врховниот суд? Таму е можна одлука 4:4, според односот на силите. Тогаш ќе остане во важност одлуката на понискиот суд
Луѓето од типот на (Никола) Љубичиќ (Стане) Доланц, (Бранко) Микулиќ, (Бранко) Мамула и сличните беа лоша замена за воено политичкото биро што постоеше претходно. Тие повеќе не беа сонувачи, идеалисти. Новиот тим е главно составен од себични, интригантни типови на луѓе алчни на власта

БЕКРАЈНО ТРПЕНИЕ

БЕСА АРИФИ

Не само што го донесовме на власт Груевски, туку и го трпевме цели 10 години. Херојски издржавме без да пуштиме глас!

Поминаа повеќе од три месеци од последните парламентарни избори, а ние се уште не најдовме решение за нашата политичка, институционална, правна а пред сe реална криза. Многу трпелив народ сме биле, за тоа може да бидеме сигурни. Не само што го донесовме на власт Груевски, туку и го трпевме цели 10 години. Херојски издржавме без да пуштиме глас! За поголемиот дел од нашите политичари и за нивното бескрајно трпение ич да не зборам, потрпеливи и посмирени луѓе не се наоѓаат во цел свет. За долги години, сите гласови што ги добиваа на избори од граѓаните кои повторно и повторно гласаа за нив, давајќи им шанса да бидат дел од власта со надеж дека овој пат се опаметиле, тие му ги подаруваа, украсени со црвена машна, на неприкосновениот "владетел" кој ги држеше под контрола во тоа што подоцна стана познато како "тендерска коалиција".

Ова траеше сe до еден убав декемвриски ден кога граѓаните се уморија од чекање и од сите шанси што ги дадоа а кои останаа неискористени од политичарите "патриоти" и рекоа "Доста е!" и гласаа за промени. Гласаа да стават крај на институционалната криза, арбитрерноста на досегашната власт, на владеењето на моќта наместо правото, и на киднапирањето на државните институции. Гласаа за враќањето во процесот на евро-атлантска интеграција, одамна заборавен процес кој не стоеше на место туку одеше назад во последниве десет години. Гласаа за една поинаква и подобра иднина за своите деца, трудејќи се да го фатат последниот момент пред сите птици да полетат неповратно во разни светски дестинации, таму каде ниту албанскиот, ниту македонскиот не се службени јазици, таму каде не се вее ниту македонското, ниту албанското знаме пред државните институции. Меѓутоа, таму младиот лекар Албанец или младате инжинерка Македонка ја гледаат јасно својата бистра перспектива и се спокојни за иднината на нивните сопствени деца која ќе биде многу поубава од нивната.

Народната изрека "Трпение, спасение" не ќе да е многу точна во балканското поднебје. Многу издржливи и трпеливи луѓе сме ние балканците, иако светот н? познава како емотивни, избувливи и нервозни кои биле инволвирани во крвави конфликти. Траумите кои сеуште не прогонуваат и се закануваат дека ќе се повторат секогаш кога ситуацијата малку ќе "загрее", а посебно кога чашата на криминалот ќе се преполни и прелее.

Многу висок праг на толеранција сме имале за многу негативни работи: злоупотреба на власта, крадење на народни пари, екстремно загадување на околината што те остава без здив, корупција која цвета во секој сегмент на општеството, непостојниот квалитет во образованието, здравството… многу трпеливи и издржливи луѓе сме биле!

И се уште продолжуваме да имаме бескрајно трпение. Носителите на високи државни функции бесрамно се потсмеваат на ова наше трпение. Тие бесрамно и јавно вршат кривични дела, поттикнуваат омраза, повикуваат на војна искористувајќи ги медиумите кои ги контролираат, а потоа смирено и спокојно си одат дома без да носат ниту трошка од одговорноста која се поврзува со нивните дејствија.

Е каков издржлив народ е тој кој го избира и го држи на чело за два мандата по ред како шеф на држава Ѓорге Иванов, кој откако неуспешно се обиде да ги аболицира сите лица за кои СЈО има покренато истраги, сега, една година после таквата срамна аболиција, е подготвен да им го даде мандатот и на кенгурите во Австралија, ама никако на Заев кој имал храброст дури да помисли да направи влада со "клетите Шиптари"?!

Ненадејно, после 25 години независност на оваа држава, после бројни и бројни коалиции кои никогаш не беа моноетнички, сега станува злосторство коалицирањето со албанските политички партии, и тоа некако се прогласува за штетно за суверенитетот, територалниот интегритет и за независноста на земјата. И ние сите, како добри и послушни граѓани, пасивно гледаме како Иванов се потсмева и се шегува со нашата демократски извразена воља, како бесрамно ги прекршува Уставот и законите, како го јаде за појадок Кривичниот законик и после полетува во неговите патувања околу светот, Азербајџан, Австралја и каде уште не, небаре одлучил да пишува римејк на "80 дена околу светот" на Жил Верн. А во меѓувреме, државата останува без ниедна функционална институција и без мандат за формирање на нова влада. Издржлив и трпелив народ, нема грешка!

Издржливи сме, трпеливи. Тренирани да толерираме криминал од највисоки размери. Додека Сеад Кочан, со или без неговата Ibizza, ја напуштил државата, неговиот адвокат, кон впрочем не е само негов туку е адвокат на целата фамилија која бесправно владее во Македонија цели 10 години, наоѓа разни креативни начини да го толкува Законот за кривична постапка, кажувајќи кога всушност решението за притвор станува правосилно и елаборирајќи дека неговиот клиент ни бил слободен човек кој е во службено патување и нема никаква важност фактот каде тој точно се наоѓа! Има ли поголема ароганциа од ова, има ли поголемо потсмејување со интелигенцијата на човекот од ова?!

Сево ова издржливите и трпеливи граѓани го гледаат секојдневно во телевизиските канали кои ги менуваат, за да најдат некоја дебата каде се зботува за вековните права на Албанците кои токму сега треба да се остварат, или пак за македонштината на Македонците која ненадејно е во ризик и мора да се одбрани со жив штит, во реалност кога се знае дека ниту Албанците не гласаа овој пат за нивниот јазик или нивното знаме, ниту пак Mакедонците гласаа за нивниот идентитет, туку сите гласаа за поголема демократија во државата, и за ставање крај на недопирливоста на носителите на високи јавни функции, гласаа да се вратат украдените пари и некој да носи одговорност за нивната злоупотреба.

И сега, токму во овој момент, албанските партии се сетија упорно да реализираат се' што до сега упорно не го реализираа и елоквентно објаснуваат зошто им е толку тешко да одлучат да ја направат новата влада и да стават крај на кризата, и дека ние, како граѓани, не разбираме во каква голема мака биле тие. Од друга страна, Тврдокорниве упорно баш сега се сетија да кажат не на Албанскиот јазик кој е официјален уште од 2001 година, регулиран со закон во 2008 година и со проширена употреба од 2011 година. Сега се сетија јазикот да не го даваат, после 15 години двојазичност во Македонија.

И ние си ќутиме, и со големо трпение ја гледаме омразата која се шири околу нас како чума, и се заканува да не повлече сите и да не направи нејзин дел. Трпеливо чекаме некој да се освести, некој да ни помогне, и некако, магично да излеземе од оваа жива кал каде не донесе нашата бескрајна издржливост и трпение.

Во времето на Цицерон, римскиот сенатор Катилина тајно заговарал државен удар, на ист начин како што кај нас државните институции јавно заговараат за менување на уставниот поредок на земјата. Катилина тоа го правел тајно, Иванов и Груевски тоа го прават јавно, тоа е единствената разлика. Говорот на Цицерон со кој тој го обелоденува заговорот на Катилина пред римскиот сенат останал запаметен во историјата. Тој говор започнува со овие прашања: "Quo usque tandem abutere, Catilina, patientia nostra? Quam diu etiam furor iste tuus nos eludet? Quem ad finem sese effrenata iactabit audacia?" што на македоснки се преведува: "До кога ќе го злоупотребуваш нашетп трпение, о Катилина? До кога ќе продолжи да се потсмева со нас твојата лудост? Кога ќе заврши оваа твоја неконтролирана ароганција и дрскост која се шири бесрамно околу нас?". Обидот за државен удар на Катилина завршил неславно, но овој нашиов државен удар никако да се прекине!

А во меѓувреме, СЈО го објавува својот шестмесечен извештај каде објаснува за избришаните материјали кои ги нашле, како и за новите кривични дела кои ги идентификувале. Од друга страна, нејзиниот мандат за покренување обвиненија е при крај, а ние трпеливо чекаме истиот да истече.

Многу издржлив народ сме биле…



(Авторката е вонреден професор во Универзитетот на Југо-Источна Европа)