��oj 514   21.03.2017
прва страница линкови контакт
Најнов број
Импресум
Маркетинг
Архива
Пребарај
Дали случајот ќе заврши во Врховниот суд? Таму е можна одлука 4:4, според односот на силите. Тогаш ќе остане во важност одлуката на понискиот суд
Луѓето од типот на (Никола) Љубичиќ (Стане) Доланц, (Бранко) Микулиќ, (Бранко) Мамула и сличните беа лоша замена за воено политичкото биро што постоеше претходно. Тие повеќе не беа сонувачи, идеалисти. Новиот тим е главно составен од себични, интригантни типови на луѓе алчни на власта

ЗОРАН ЗАЕВ : КАКО ИДЕН ПРЕМИЕР СО ДИЈАЛОГ ЌЕ ГО РЕШАВ АМ ПРОБЛЕМИТЕ А НЕМА ДА СОЗДАВАМ НОВИ

И никогаш како политичари, јас или од СДСМ, не би отишле против кој и да е сосед на Македонија. Мој став е дека на овие простори низ вековите страдале многу народи од разни завојувачи, а пред се македонскиот народ, а во овие 10 години страдаат граѓани на Македонија од режимот на Никола Груевски

Лидерот на СДСМ во интервју за српскиот дневен весник "Политика" вели дека во најскоро време ќе се формира новата влада. Тој наведува дека Ѓорге Иванов нема никакво основа ниту право да одбива да го даде мандатот, но и дека со тоа само ги штити криминалните на Никола Груевски и луѓето околу него.

Зошто претседателот Ѓорге Иванов не ви даде мандат за формирање на влада, кога имате парламентарно мнозинство? Што Ви рече, кога бевте кај него?

- Ние излеговме со Програма на новата Влада за унитарна Македонија, со евро-атлантска перспектива, кадешто суштината е добар живот за сите граѓани. Имам и 67 пратенички потписи. Очекувам Ѓорге Иванов да престане да го крши Уставот и да го даде мандатот за состав на новата Влада во Македонија. На Иванов не му требаше обезбедено парламентарно мнознство кога му го додели прво мандатот на Никола Груевски и не му пречеше што Груевски и ВМРО-ДПМНЕ преговараат за т.н. платформа на албанските партии. Но кога треба мене да ми го даде мандатот, прави преседани, поттикнат од Груевски. Зошто? Само да му помогне на Груевски и на неговите соработници да ја продлабочат политичката криза, зашто тие знаат дека промените носат и одговорност за направените криминали и криминално стекнатите богатства изминатите 10 години. Тоа не е добро. Ги вознемируваат граѓаните преку медиумската пропаганда, кои недоволно информирани излегуваат на улиците, голем дел и под притисоци. Лично Груевски преку интервју поттикна насилство и омраза. Тоа не води никаде. И граѓаните на Македонија се изјаснија дека сакаат квалитетен живот во едно општество за сите. Не сакаат повеќе поделби и изолација на државата. Демократските процеси во Македонија се почнати. Следен чекор во тие процеси е формирање нова Влада на Р.Македонија. Ги расчистив сите прашања од кои раководството на ВМРО-ДПМНЕ правеше конструкции, излегов со владина програма и повеќе нема никакви оправдувања Иванов да не ми го даде мандатот.

Што Ви кажа на таквото образложение високиот претставник на ЕУ, Федерика Могерини, која имаше овластување од генералниот секретар на НАТО Столтенберг, и сите од меѓународната заедница со кои разговаравте?

- И за домашната и за меѓународната јавност е јасно дека мнозинството граѓани на Македонија гласаа за промени и нормално, после кредибилните избори очекувањата се да се формира новата Влада, согласно мнозинската волја. Следите и вие, сите пораки се дека на Македонија не и треба блокирање на демократските процеси туку е неопходно што побрзо да се формира новата Влада затоа што од оваа ситуација трпат и граѓаните и државата. Дополнително поттикнувањето насилство ја доведува во ризик безбедноста на граѓаните. Иванов нема право тоа да им го прави на граѓаните на Р.Македонија, какви мотиви и да има за тоа.



Официјална Москва побара од странскиот фактор да не се меша во внатрешните работи, дали се согласувате со ставот на Русија?

- Имаме добра соработка со сите пријатели на Македонија од меѓународната заедница. Но, секоја од партиите во Македонија, одлуките ги носи низ своите органи и тела. Ние гледаме добронамерно на секоја сугестија што може да помогне во демократските процеси. Пријателите се за тоа, а стратешки интерес на Македонија е членство во ЕУ и во НАТО. Секако имаме како држава и добра економска соработка со Русија. И тоа го почитуваме. Мојот впечаток е дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да вмешаат странски фактори, во обидите себе си да се спасат. Тоа не е решение. Неопходнен е брз и мирен трансфер на власта, тоа е одлука на мнозинството граѓани во Македонија, изразена на избори!

Дали на Вас или на Вашите коалициски партнери, гарантите на Пржинскиот договор, ЕУ, Федерика Могерини, Јоханес Хан, Џес Бејли од САД или други лица од дипломатскиот кор, Ве советуваа да ја презентирате програмата пред да Ви биде доделен мандатот?

- Македонија е созреана за нов начин на водење на политиките. Национализмот, поделбите, исклучувањето на мислењето на другите, никаде не води. Демократијата е тешка работа. Бара компромиси од сите. Го презедов овој чекор за да покажам дека јас, како иден премиер, сум подготвен низ разбирање и дијалог да ги решавам проблемите, а не да создавам други кризи. И да се грижам за сите граѓани, и за тие што го дадоа гласот за мене, и за тие што ги повикав да се вратат од улиците дома, бидејки го слушнав нивниот глас.

Дали мислите дека со процедуралната постапка на објавување на владината програма ги прекршвте сите традиционални и вообичаени принципи на парламентарната демократија, со тоа што пред да го добиете мандатот, јавно од седиштето на вашата партија ја претставивте владината програма, пред да станете мандатар… Историјата на парламентаризмот нема забележана ваков чин. Зошто се одлучивте за создавање нова пракса?

- Да го добиев мандатот за формирање Влада низ досегашната политичка пракса во Македонија, ќе имав можност тоа да го сторам во Собранието на Р.Македонија. Но Иванов и оваа несериозна власт во заминување водена од Груевски ги прекршија сите принципи на парламентарната демократија, го лажат народот и отвораат пат за безбедносна криза. Тоа како одговорен политичар, со поддршка да бидам иден премиер имам обврска да го спречам. Ќе продолжиме да влечеме мудри чекори, нема да го дозволиме сценариото што го посакуваат, ескалација.

Откако ја претставивте програмата, повторно побаравте шефот на државата да ви го даде мандатот. Дали сте биле кај него?

- Не. Иванов сега ја има Програмата, сега е јавно објавена, а дополнително ќе му биде однесена, за да нема дилеми дали ја видел или не.

На вашата програма веднаш реагираше и претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антониио Милошески, од седиштето на партијата, на опозициски начин, така што изгледа како Собранието да функционира вонинституционално, ве обвинуваат дека сте криминалец, но во интерес на државата би Ви дале поддршка со 51 мандат да биде премиер, како го оценувате ова?

-На Македонија и е потребна реформска Влада којашто ќе ги извади граѓаните од сиромаштијата во којашто ги внесе досегашната власт и ќе и овозможи на државата да оди напред. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ кое мислеше само на своите криминални интереси не може да биде дел од решението на проблемите што тие ги создадоа. Инаку, 10 години, до денес, сите институции се во нивни раце. Мислите ли дека ќе ме оставеа на слобода ако имаше буква точна од обвинувањата?! За сите е јасно дека тоа нема врска со реалноста, лажат.

Обично пред пратениците во Собранието заедно со програмата им се претставуваат и министрите, а Вие тоа не го направивте. Можете ли да не запознаете барем со поделбата на ресорите и колку министерства ќе има владата?

- Да сочекаме да го добијам мандатот. Може само да ви кажам дека ние сме цврсто определени тоа да бидат квалитетни кадри што ќе можат да ја понесат сериозноста на реформите што и се потребни на Македонија и ќе обезбедат квалитетен живот за граѓаните.

Ако Ви биде доделен мандатот, дали уште еднаш ќе ја претставите истата програма во парламентот?

- Ја претставив Програмата на новата реформска Влада, јавно објавив што содржи и стојам зад неа целосно.

Претседателот, по консултации за доделување на мандатот бараше доказ за парламентарното мнозинство и дека во владината програма постојат гаранции за зачувување на унитарноста на државата. Првиот услов го исполнивте. Дали сте сигурни дека со владината програма го убедивте претседателот Иванов во однос на зачувување на унитарноста?

- СДСМ е државотворна партија. Ако некој во историјата на Македонија мислел на државата и влечел потези дури и на своја штета, тоа е Социјалдемократскиот сојуз. Тоа што Груевски преку медиумската пропаганда и преку Иванов се обидува да создава непостоечка реалност е друга работа. Ние и пред изборите излеговме со нашата програма "План за живот" и внатре еден од петте столба беше едно општество за сите. Тој концепт на заедништво и победи во Македонија. И сега во владината програма јасно се обврзуваме на тоа. Секој кој не сака да го види тоа, значи дека не и мисли добро на Македонија и ќе мора да ги понесе последиците за својата неодговорност.

Дали СДСМ и албанските партии меѓусебно се обврза дека нема да бараат промена на Уставот која ќе утврди ново државно уредување и во писмена форма?

- Постои еден конкретен писмен документ пред јавноста зад кој застанува новата Влада и јас како иден премиер - Програма на новата Влада на Република Македонија, каде децидно стои дека новото парламентарно мнозинство е силно посветено на зацврстување на унитарноста, суверенитетот и стабилноста на Република Македонија. Тоа е единствениот валиден домумент за граѓаните и за државата.



Како ќе ги спроведете основните интегративни програмски цели на владината програма, како што се влез во ЕУ и приклучување во НАТО кога меѓународната заедница, предводена од Грција бара промена на името на земјата, во НАТО имате гарантиран безусловен прием ако го промените името. Ако тоа го направите автоматски мора да се смени и основниот акт според кој земјата функционира?

- Нашиот став е јасен како партија, нема промена на уставното име на Република Македонија. Остануваме заштитници на нашиот национален идентитет и нашата национална посебност. Точно е, за да може да обезбедиме интеграција на Македонија во Европската унија и во НАТО, тоа што е од стратешко значење на државата и за граѓаните на Македонија, ќе треба да најдеме решение за овој наметнат спор. Јас сум човек и политичар кој верува дека за се постои решение, ако се сака. Ќе носиме одлуки за ова, како и за секое друго важно прашање од национален интерес, по пат на дебата во којашто ќе биде вклучена и идната опозиција. И на крајот, ќе бидат консултирани граѓаните за конечната одлука. Националните интереси на Македонија нема да бидат доведени во прашање.

Вашите политички коалициски партнери бараат албанскиот јазик да има статус на рамноправен државен јазик заедно со македонскиот, а натписите на банкнотите, униформите, химната, грбот и знамето да се променат. Како ова го надминавте со албанските партии, преку пријателите од ЕУ и САД, или самите, и што значи тоа дека сте прифатиле да се дебатира за овие прашања кои се обележја на една земја и се од витално значење за државата?

- Цврсто веруваме во нашиот концепт за Македонија како едно општество на еднакви граѓани. Прашањето за јазиците на заедниците го гледаме низ обезбедување на практичните потреби на граѓаните, не низ етничка призма. И така е решено. Секаде каде што има можност, исклучиво согласно Уставот, граѓаните од етничките заедници да го користат својот мајчин јазик на државно и на локално ниво, тоа го овозможивме. Од тоа не губат граѓаните Македонци, ниту пак се загрозува статусот на Македонскиот јазик како службен јазик. Напротив, со новиот закон што ќе биде донесен, гарантираме употреба на Македонскиот јазик секаде низ државата, тоа што сега во некои средини, поради неодговорноста на ВМРО-ДПМНЕ изостанува. Што се однесува со банкнотите и униформите, не сме против дебата за ниедно прашање, но според уставните и правните ексерти тоа е спротивно на Уставот. Прашавте и за химната, грбот, знамето - јас лиично сум против и нема никаква причина тие да е менуваат. Реков, нема да спречуваме дебата. Но овие прашања, како што гледате, не се во Програмата на новата Влада.

Во време на многу сложена безбедносна состојба во земјите од Западен Балкан, каде што се очекува Македонија да биде дел од факторот на стабилност, според пишувањата на домашните и странски медиуми, Вие ќе ја преземете одговорноста како иден премиер на Македонија да осудите геноцид врз Албанците. На што би се базирала таквата резолуција, која нема научен пристап? Дали би се засновала на политички желби со што би се заостриле односите со соседите, меѓу кои е и Србија, дали тоа е целта?

- Тотална лага е дека ние би се впуштиле во какво било осудување други народи. Таквите лаги се дело на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ кои, како што ги вознемируваат граѓаните на Македонија, така се подготвени да наштетат и добрососедските односи на Македонија, за свои лични и теснопартиски интереси. Гледате некаде во Програмата на новата Влада геноцид и осудување народи? Нема такво нешто. Тоа е прашање за дебата за историчарите. И никогаш како политичари, јас или од СДСМ, не би отишле против кој и да е сосед на Македонија. Мој став е дека на овие простори низ вековите страдале многу народи од разни завојувачи, а пред се македонскиот народ, а во овие 10 години страдаат граѓани на Македонија од режимот на Никола Гриевски. И тоа веќе никогаш нема и не смее да се повтори. Мислам дека ова прашање, што предизвика реакции во Србија поради медиумската пропаганда на Груевски, веќе го расчистив и за јавноста во Србија, нашиот добар пријател и сосед и подготвен сум уште посилно од досега да ја градиме соработката со Република Србија во духот на добрососедство, на сите полиња. Ние сме традиционално, културно, географски поврзани, е'не поврзуваат заедничко минато и заедничка иднина кон Европската Унија и тие односи само на овие принципи ќе се развиваат.

Како ги оценувате односите со Србија, и дали ваквите потези, како и признавањето на Косово и гласањето Косово да биде примено во УНЕСКО, придонесуваат за добрососедски и пријателски односи со Србија?

-Токму Никола Груевски и неговата Влада ги нарушија добросоедските односи со Република Србија што реков подготвени сме да ги градиме на принципиелна основа.

Ако не го добиете мандатот, дали ќе иницирате продолжување на конститутивната седница на Собранието на која треба да се избере претседател на парламентот, дали за претседател на Собранието, кадровското решение ќе биде од редот на албанските парламентарни партии?

- Иванов според Уставот е должен да ми го даде мандатот за формирање Влада. Со објавувањето на Програмата на новата Влада, иако Иванов нема право да го бара тоа, разбиено е оправдувањето за наводен страв од можни последици по унитарноста. Ќе ги отстраниме сите пречки за што побрзо да се случат демократските промени во Македонија. Што се однесува до кадровското решение за претседател на Парламентот, следуваат клучни реформски процеси, важно е да биде човек кој ќе може да обезбеди ефикасна работа на Собранието согласно Уставот и законите.

По изборите, наместо просперитет на народот - на државата и се случи народ на улиците. Зошто?

- И за тоа апелирам, да престане злоупотребата на граѓаните. За нив излегов во петокот кога ја објавив Програмата на новата Влада. Тоа се наши граѓани, ги разбирам. Сите подеднакво не боли за нашата држава Република Македонија. Навистина е несериозно за лични цели, за заштита на сопствената одговорност поради криминалите што ги правеле Груевски и соработниците да држат во заложништво цела држава. Демократски процеси во Македонија се незапирливи. Граѓаните да бидат спокојни. Мора да има мирен трансфер на власта.

Луѓето кои протестираат веќе 12 дена, ви замеруваат за прифаќањето на албанската платформа. Дали за истата таа платформа ДУИ дискутирала со партијата ВМРО-ДПМНЕ или не? Кога ја објавувавте владината програма, им се обративте и на граѓаните кои протестираат и се залагаат за заедничка Македонија.

- Па еве погледнете само што изјави поптрепседател на ДУИ пред два дена. Цитирам: "А што правеа ВМРО-ДПМНЕ 20 дена со нас? Преговараа за Платформата и времето тоа ќе го покаже како точно. Преговараа и за униформите и за парите да бидат двојазични". Нема што повеќе од ова да се додаде.

Се добива впечаток дека две македонски партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, два камења од иста планина кои меѓусебно се "удираат" и секој момент се очекува оган. Зошто толку многу антагонизам во еден христијански народ?

- Има голема разлика меѓи СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ гради мостови. ВМРО-ДПМНЕ ги руши. СДСМ гради патрерски однос со граѓаните, раководството на ВМРО-ДПМНЕ ги дели. Ние го слушаме гласот на граѓанскиот сектор, тие го уништуваат. Ние работиме на интеграција на Македонија, тие на изолација. На Македонија и е потребна силна опозиција. Јас сум подготвен, како во целиот демократски свет да ја почитувам опозицијата. Она што е неизбежно и знам дека во ВМРО-ДПМНЕ постои свесност за тоа, е дека откако ќе се случат промените во државата, оваа партија ќе треба да најде сили да справи со криминалното раководство од кое што и тие трпат штети.

Како дојдовте до прислушкуваните материјали, ако не е тајна? Дали имате уште "бомби", и зошто тие не ги објавувате, да речеме, за Смилковското езеро, дали невини луѓе лежат во затвор, кој е вмешан, дали некој не Ви дозволува да ги објавите?

- Независната институција, Специјално јавно обвинителство веќе потврди она што го кажавме, дека домашни тајни служби скандалозно и масовно ги прислушувале граѓаните на Р.Македонија. Материјалите ги добивме од чесни професионалци кои не можеле повее да гледаат што се случува и да молчат. Јас сите материјали што ги имав, ги предадов на СЈО. Сега е на независните институции да ги расветлат сите случаи и одговорните да се најдат пред лицето на правдата.

Колку време ќе Ви биде потребно да ја донесете државата во ред како иден премиер? Како ќе ги вратите украдените пари од државата, за што зборувавте во изборната кампања, каде се наоѓаат?

-Затоа треба што поскоро да се формира новата реформска Влада. Над 5 милијарди евра, според достапни проценки Груевски и неговата фамилија изнеле од државата. Ќе мора да ги вратат. Ќе има конфискување на криминално стекнат имот, според европски пракси. Ќе донесеме закон за заштита на сведоци со што ќе овозможиме да се докажат направените криминали и други злодела. И како нова Влада, сите пари од Буџетот ќе ги насочиме кон граѓаните. Имаме преецизни мерки за намалување на давачките за живот, а покачувања на платите. Ќе го кренеме животниот стандард. Ќе воведеме фер даноци и сиромашните ќе плаќаат помалку, а богатите повеќе. Ова го очекуваат сите граѓани, независно од етничка, политичка или друга припадност. Ќе има живот за сите граѓани во Македонија. Градиме едно општество за сите.

Кога очекувате да се формира владата? Што е приоритет во првите сто дена?

-Очекувам во најскоро време да се формира новата Влада. На граѓаните на Македонија им се неопходни повисоки плати и нови работни места, социјална сигурност, независни институции што ќе гарантираат правда за сите и ефикасни мерки против корупцијата, но и квалитетен здравствен и образовен систем и првите мерки што ќе ги спроведеме се во оваа насока. Ќе има живот за сите гражани на Македонија, Градиме едно обединето општество за сите.